По реакците во јавноста, Владата на денешената седница донесе одлука да ги повлече измените во Законот за јавни собири.
„Владата на Република Северна Македонија ги слушна забелешките на граѓанските организации за најавените предлог измени на Законот за јавни собири и на денешната седница одлучи да ги повлече предлог измените со цел да се обезбеди поширока консултација“,соопштија од Владата.
Според предложените измени, минимум 50 граѓани може да организираат протест, наместо досегашната бројка од 20 луѓе.Покрај оваа одредба, се менуваат и дел од условите за местата каде е забрането да одржуваат јавни собири. Покрај досегашните забранети локации како автопатишта, болници и градинки и училишта, МВР во предлог-законот додава уште неколку одредби во членот 2 – странските амбасади, објекти и простори од интерес за безбедноста на државата, како и седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив, одредба која беше најконтроверзна кај корисниците на социјалните мрежи.
Во предлог-законот исто така се додава одредба во која лицата кои присуствуваат на јавниот собир не смеат да носат средства на лицата и главата кои го отежнуваат утврдувањето на нивниот идентитет, а се одредува и временски период во кој може да се одржува јавниот собир – од 06 до 23 часот.
Со новиот предлог-закон истовремено се дефинира многу подетално улогата на редарите на јавните собири, а драстично се намалуваат и паричните казни за оние кои прекршуваат одредби поврзани со организација на јавниот собир.