Полициски специјалци 24 часа ја чуваат судијката Добрила Кацарска. Извори од Кривичен велат дека покрај заштитата која судијката ја добива надвор од судот, полицајци будно ја чуваат и нејзината канцеларија, објави „24 вести“.
Неофицијално, обезбедувањето ја следи во секој чекор изминатите неколку дена. Проценката дека на Кацарска е потребна полициска заштита ја донел првиот човек на Кривичен по претходни добиени информации и разговори дека постои страв за животот и безбедноста на судијката. Во телефонски разговор судијката не сакаше да коментира ништо и да каже дали и од кого се плаши и дали побарала обезбедување.
„Не сакам да коментирам ништо, за тие прашања ќе се обратите до претседателот на судот.“ – изјави Кацараска.
Таа го водеше процесот „Тенкс“ во кој на екс премиерот, Никола Груевски, му пресуди казна затвор од две години. Извори од Кривичен велат дека токму од овој предмет сите судии од советот добиле обезбедување, а една од поротничките пријавила закани.