Шестмина македонски велосипедисти, од Кавадарци, од Скопје, по 930 поминати километри од Нова Градишка, Хрватска до Крушево, денеска пристигнаа на Гумење, на вечното почивалиште на големата македонска и балканска музичка ѕвезда, Тоше Проески. Велосипедската тура „Од срце за Тоше“ ја одржаа по 9-ти пат.
Велосипедистите тргнаа на 19 септември од Нова Градишка и возеа дневно по околу 150 километри.
На вечното почивалиште на Тоше се поклонија шестмината велосипедисти: Драган Јованов, Владимир Канзуров, Оливер Стојановски, Горанче Богоевски, Александар Гарача и Горан Стојанов.
-Ова е деветта година по ред на велосипедската тура од Нова Градишка, Хрватска до Крушево. Како и претходните осум, така и оваа година измешани емоции, гордост, тага. Гордост што го имавме Тоше, човекот со ангелски глас, со големо срце кој, каде и да беше, ширеше љубов и добрина. Тагата останува за неговото прерано заминување од овој свет, рече Драган Јованов, иницијаторот на оваа велосипедска тура насловена „Од срце за Тоше“.
Велосипедистите беа придружувани од нивни спортски колеги од Хрватска и од Србија со кои заедно му оддадовме почит на ангелот Тоше.
-Нашето срце ќе биде полно доколку ние со оваа наша мисија придонесуваме делата што ги остави Тоше никогаш да не се заборават, рече Јованов.
Голема чест е, н и тажно е за велосипедистите кога ја возат велосипедската тура за Тоше.
-Секоја година сме тажни што возиме за Тоше, а него го нема. Но горди сме и со почит за Тоше. Кога стигнуваме на Гумење, сфаќаме дека целта е исполнета. Срцето чука многу посилно, рече велосипедистот Владимир Канзуров.
Велосипедистите ја посетија и спомен куќата на Тоше Проески на Гумење.