Под блокада се третина од собраниските комисии

Седум парламентарни работни тела се нефункционални додека СДСМ и ДУИ со Алтернатива не го обноват загубеното мнозинство со БЕСА.

by Фокус

Работата на седум собраниски комисии е блокирана откако БЕСА го напушти парламентарното мнозинство предводено од СДСМ, дознава Фокус од собраниски извори.

Станува збор за комисиите за избори и именувања, за уставни прашања, за одбрана и безбедност, за локална самоуправа, за земјоделство и неколку други, каде пратениците на СДСМ, ДУИ и другите партнери имаа мнозинство со пратениците на БЕСА.

Поточно, блокирани се комиисиите каде членуваат пратениците Фадиљ Зендели и Бастри Бајрами, бидејќи третиот пратеник на БЕСА-Кастриот Реџепи, го поддржува актуелното парламентарно мнозинство.

Како што е познато, по локалните избори БЕСА иницираше недоверба на владата со опозицијата на чело со ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа оваа иницијатива пропадна откако Реџепи не се појави на седницата на денот на гласање.

Во таква ситуација, ниту една од страните немаше мнозинство со Собранието неопходно за непречено функционирање, бидејќи и двете страни имаат поддршка од по 60 пратеници.

Поповски: Ситуацијата 60:60 создава неспособно Собрание

Набргу потоа, СДСМ влезе во преговори со опозициската Алтернатива на Африм Гаши, кои завршија успешно така што се создаде парламентарно мнозинство од 64 пратеници, со најава дополнително да порасне.

Притоа, ова парламентарно мнозинство треба да се потврди при гласањето на буџетот и други закони, како и при изборот на нова влада на чело со актуелниот заменик-министер за финансии Димитар Ковачевски, кој го наследи Зоран Заев на лидерската позиција во СДСМ.

Откако ќе профункционира новото мнозинство, треба да профункционираат и седумте блокирани парламентарни комисии, каде четворицата пратеници на Алтернатива треба да ги заменат двајцата пратеници на БЕСА.

Во меѓувреме, многу процеси за носење на закони и одлуки за именување на јавни функционери се закочени во овие блокирани комисии.

Вкупно, во рамки на парламентот има над 20 работни тела или комисии, од што произлегува дека моментално под блокада се една третина од нив.

В.С.

Поврзани новости