Почнува учебната година за учениците и студентите

by Fokus

Одложено за учениците и редовно за студентите почнува учебната 2020/2021 година која е со многу неизвесности поради непредвидливост со заразата од КОВИД-19. Училишната година денеска треба да ја почнат 270 000 средношколци и основци, меѓу кои 19 илјади се првачиња – еден дел ќе бидат во клупите, а поголеми дел ќе учат онлајн од дома.

Учениците до трето одделение, освен оние чии родители не се согласиле, наставата ќе ја следат со физичко присуство. Останатите основци од повисоките одделенија и средношколците со своите наставници ќе комуницираат преку националната платформа за учење од далечина која не е разработена, но, како што информираа од МОН и креаторите од ФИНКИ, слабостите се откриваат тековно, се отстрануваат и очекуваат целосно да биде функционална и да ја издржи оптовареноста од сите корисници.

Ресорната министерка Мила Царовска очекува дека најголем дел од учениците и наставниците денеска без проблеми ќе може да се приклучат на делот „Мајкрософт тимс“ каде што се креирани часови по одделенија и дека наставата ќе почне со двонасочна комуникација. Оваа апликација на „Мајкрософт“ поактивно ќе се користи додека се надминат слабостите со платформата која во моменти на напад, како што рече Царовска, не може да отвори одредени функционалности, кога во исто време се приклучени голем број наставници и ученици.

 

– Важно е образовниот процес да стартува, а ресурсите со кои располагаме се тие. Ние за три недели направивме децениски скок во дигитализација на образованието во државата. Она што го имаме, со тоа располагаме, ова е огромна лекција зошто треба да се инвестира тековно и неодложно во образованието, рече Царовска по реакциите во јавноста за проблемот со функционирањето на платформата и сомнежите дали проектот ќе биде успешен.

Платформата има околу 270 000 корисници и досега се најавиле околу 160 000. Професорот Боро Јакимовски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) вчера изјави дека го прифатиле предизвикот да воспостават  платформа за многу краток период.

Со физичко присуство и со здравствени протоколи, пак, покрај учениците до трето одделение, наставата ќе ја следат и повозрасни основци и средношколци од оние училишта кои ги исполниле критериумите и добиле дозвола од владината комисија формирана за да ги разгледува и да ги прифаќа или одбива барањата на општините како основачи на училиштата. Најголем дел се подрачани училишта кои имаат помалку ученици, а главен услов е состојбата со КОВИД-19 во одредена средина.

Според последните податоци кои вчера ги соопшти министерката Царовска, околу 600 основни и средни училишта добиле дозвола наставата да ја почнат со присуство на учениците, а барања поднеле над 860 училишта.  Одобренијата ќе се ажурираат месечно во зависност од епидемилошката состојба. Според Планот на Владата за наставата, основачите на училиштата (општините) најдоцна до секој 10-ти во тековниот месец ќе треба да ги достават до комисијата барањата за настава со физичко присуство со образложенија за исполнетост на условите во училиштата, а Комисијата во рок од седум дена ќе доставува предлог до Владата за давање согласност.

Ако родителите се премислат во одлуката и сакаат присуство наместо онлајн или обратно, од училиштата и градоначалниците ќе зависи флексибилноста односно колку бргу може да се предаптираат капацитетите што родителите сакаат да ги користат.

 

За бојкотот што го најавуваат жители во некои општини кои бараат присуство наместо онлајн, Царовска е децидна дека мора да се почитува одлуката на здравствените авторитети и заштитата на јавното здравје зашто голем број ученици на едно место е и голем ризик.  За Средношколскиот сојуз од каде што вчера најавија дека наставата ќе ја бојкотираат од ноември ако не се исполнат нивните барања да се организира комбинирана настава во општините со стабилна состојба со вирусот, министерката соопшти дека е во постојана комуникација со нив и дека се согласува да се ревидира одуката за онлајн-настава доколку се подобрува состојбата со заразата.

– Бојкоти и протести нема да ја сменат одлуката за заштита на јавното здравје, а тоа е главната цел и сè се темели на факти и анализи. И ние сме за тоа училиштата да ни се полни со ученици, но мора да се прилагодуваме на состојбата, Ова е нужност, не е ни желба, ни хир. Наставата во овие услови е променлива, динамична и со многу предизвици и затоа нема универзално, туку индивидуални решенија,  рече Царовска вчера во телевизиско гостување.

Настава ќе има и на Македонската радио-телевизија за учениците што немаат соодветни ИТ-уреди, а спред анализите на МОН се работи за околу 40 000 ученици. Часовите за секој наставен предмет ќе бидат опфатени во 15-минутни видеа и во распореди што ги утврди Бирото за развој на образованието за учениците од прво до деветто одделение. Почетокот на ТВ-наставата ќе биде секој ден во 8.30 часот.  За овие ученици исто така се предвидени и печатени материјали кои наставниците ќе им ги доставуваат на родителите.

Учебната година  на 1 октомври почнува и на факултетите кои денеска ќе организираат прв академски час за новата генерација студенти. Пандемијата од март ги испразни и предавалните на универзитетите и студентите, исто така, главно имаат онлајн-настава.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ соопшти дека наставата во оваа академска година на дел од 23-те факултети ќе се одвива целосно онлајн, а на некои хибридно – онлајн и со физичко присуство поради природата на наставните содржини и методите на нивно изучување.

Комисијата за заразни болести одлучи по седум месеци повторно да се отворат ученичките и студентските домови, но со преполовен капацитет и со строго почитување на протоколите. Според нив, во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со повеќе од два кревета може да бидат сместени најмногу две лица.

На студентите и средношколците кои поради условите во вонредни околности и намалениот број сместувачки легла не можат да бидат сместени, иако нивните барања биле одобрени, ќе им се исплаќа месечна сума за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење со местото каде што студираат. За да им се исплаќаат средствата, треба да се пријават на интернет-платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk  и да ги внесат потребните податоци.

Поврзани новости