Судењето против лидерот на СДСМ Зоран Заев, за тужбата што против него ја поднесе премиерот Никола Груевски, во секој момент се очекува да почне. Груевски од Заев бара половина милион евра за претрпена душевна болка за случајот „Македонска банка“. Судот е преполн со новинари и со адвокати.
Лидерот на СДСМ Заев дојде заедно со дел од неговите сопартијци и со неколку адвокати. Предмалку во судот се појави и адвокатот на Груевски, Никола Додевски. Премиерот Груевски најверојатно нема да се појави бидејќи во истото време собранискиот спикер Трајко Вељаноски ја закажа седницата за избор на новата влада и таа без Груевски како иден премиер не може да се одржи.
Груевски го тужи Заев за претрпена душевна болка поради јавното обвинување дека при продажбата на „Македонска банка“ посредувал и побарал 1,5 милиони евра во кеш од српскиот тајкун, Јовица Стефановиќ – Нини. Заев за ова објави и аудио снимка од телефонски разговор и го праша јавно Груевски дали еден од гласовите на двајцата што разговараат е неговиот глас. Снимката беше испратена и на странска експертиза, во која наводно се потврди дека станувало збор гласот на Груевски.