Почнува скрининг процесот – Македонија пред маратон за влез во ЕУ

by fokus

Македонија денеска го почнува скрининг-процесот за пристапување во Европската Унија.

Во Европската комисија во Брисел се наоѓа 40-члена делегација составена од експерти од надлежните државни институции кои имаат надлежности во дадената област, предводена од главниот политички преговарач вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, а во нејзиниот состав се и министерката за правда Рената Дескоска, главниот технички преговарач Бојан Маричиќ и експерти од Секретаријатот за европски прашања.

Државниот советник за европски прашања и шеф на кабинетот на вицепремиерот Османи, во изјава за МИА, вели дека по јунските заклучоци на Советот на ЕУ се отвори простор за историскиот почеток на подготовките за објаснувачкиот скрининг, кој официјално беше најавен со посетата на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Скринингот, вели тој, практично ќе почне денеска и утре со Поглавјето 23 Правосудство и фундаментални права.

– Почнуваме маратон кој ќе трае подолг временски период, чија должина ќе зависи пред се од нас самите и од нашата подготвеност за промени и длабоки реформи, оцени Тилев за МИА.

Тој појаснува оти се работи за детален аналитички преглед на Европското законодавство во сите 33 поглавја во кои е групирано целокупното Acquis Communautaire (целокупното европско закондавство, што ги вклучува основачките акти на ЕУ, како и сите регулативи, директиви, одлуки, правна практика, но и меѓународните акти кон кои пристапила ЕУ во рамките на ОН, Советот на Европа…).

– Аналитичкиот преглед за сите 33 поглавја ќе трае една година, до следниот септември, по што ќе следува продолжување на билатералниот скрининг и подготовката на скрининг-извештаите што ќе ги подготови Европската комисија, а ќе ги одобрат земјите членки на ЕУ низ пропишана процедура, рече Тилев за МИА.

Во овој период вкупно над илјада експерти ќе учествуваат на 33 објаснувачки сесии на аналитичкиот преглед на европското законодавство кои вкупно ќе траат околу 70 работни денови.

– Македонската администрација е сосема подготвена за оваа фаза од аналитичкиот преглед, а во текот на самите објаснувачки сесии ќе може да се запознае многу подетално со европските прописи и искуствата од нивната имплементација, што исто така оди во прилог на натамошна подготовка на нашата администрација за следните фази од пристапните преговори, изјави за МИА државниот советник за европски прашања.

Вицепремиерот Османи во неделата оцени дека почетокот на т.н. објаснувачки скрининг е пресвртната точка со која Македонија и формално го почнува последниот дел од патот кон ЕУ.

Процесот се очекува да заврши до јуни 2019 година, по што треба да почнат и преговорите за членство во ЕУ.

Со цел да можат да се вклучат сите што сакаат и можат да помогнат во скринингот и преговарачкиот процес, Владата распиша оглас за создавање Регистар на надворешни експерти. До 10 октомври заинтересираните треба да достават работна биографија и мотивациско писмо со наведено поглавје или поттема за која има експертиза.

Администрацијата и институциите ќе бидат носители на овој процес, но неопходно е активно учество и вклучување на сите чинители на општеството и мобилизација на сите човечки ресурси со кои располага државата.

Советникот за евроинтеграции Маричиќ, кој е и главен технички преговарач, вели дека целта е создавање база на експерти од едно или повеќе поглавја во правото на ЕУ за ангажирање на краток или долг рок, во текот на целиот процес.

Скрининг –  аналитичко испитување на усогласеноста со правото на ЕУ

Скринингот е формална и техничка операција што ја врши Европската комисија, со цел да се подготват преговорите за членство со земјата кандидат. Како процес, тој има за цел, од една страна, да ги запознае земјите кандидати со правото на ЕУ и на тој начин да ги подготви за преговорите. Од друга страна, целта е да се овозможи Комисијата и земјите членки да го оценат степенот на подготвеност на земјата кандидат.

Скринингот трае околу една година и се спроведува врз основа на изготвен распоред од страна на Комисијата. По извршениот скрининг на соодветното поглавје, Советот одлучува за почнување на преговорите, по препорака на Комисијата.

Извештајот од скринингот содржи четири дела – објаснување на правото на ЕУ во поглавјето, резултати од скринингот – информации дадени од земјата кандидатка и процена на Комисијата, заклучоци и препораки на Комисијата, и во последниот дел Комисијата му препорачува на Советот дали да се отворат преговори за поглавјето и, доколку не, кои одредници да се постават.

Поврзани новости