На отворено кај Аква паркот во близина на спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје, денеска почнува Саемот на книгата.
Покрај изложбено-продажниот дел, организаторите во текот на саемските денови од 8 до 14 септември, најавуваат и 33 промоции на нови дела и автори- новите изданија од Државниот Архив на РСМ, „Книгохоличари“, „Бата Прес“, „Арс Ламина“, „Топер“, „Полица“, „Едука Мак“, „Издавачки центар ТРИ“, „Деа Балкански“, „Паблишер“, „Библиски Центар Божилак“, „Издавачки Центар Јени Балкан“.
Во рамките на работната програма ќе се одржи и традиционалното доделување на награди од страна на Македонската асоцијација на издавачи и доделување на награди од Здружението на издавачите и книжарите на Македонија.
На саемот ќе учествуваат над 60 издавачки куќи кои најавија претставување на своите најнови изданија, а покрај промоциите, ќе има и големи саемски попусти до 70 отсто.
Саемот на книга е организиран во соработка со Македонската асоцијација на издавачи, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија, Здружението на албанските издавачи од Македонија и Сојузот на албански издавачи во Македонија, a е поддржан од Министерството за култура.