Почнува постапката за изградба на тунелите под Кале

by fokus

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на денешната прес-конференција со видеопрезентација го најави почетокот на постапката за проектирање на капиталниот градежен зафат „Тунелите под Кале“.

– Целта на Град Скопје со овој проект е да го поврзе булеварот „Св. Климент Охридски“ со Пластичарска улица во Чаир. Булеварот ќе биде издигнат на височина од шест до девет метри. Потоа, од зградата на Владата сообраќајот ќе се одвива по нов мост преку реката Вардар кој ќе биде долг 173 метри, а широк 20 метри и ќе има четири сообраќајни ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри се до влезот во тунелот под Калето, рече Шилегов.

Нагласи дека Скопје првпат ќе добие тунел долг 250 метри, а широк 20 метри. Од тунелот сообраќајот ќе продолжи на кружен тек издигнат пет метри над Пластичарската улица.

Со овој проект Град Скопје го оформува вториот сообраќаен прстен во метрополата. Тоа ќе овозможи брз влез и излез на возилата од центарот и од северната страна на градот. Рутата ќе ја користат и автобусите на јавниот превоз.

– Со подземни тунели под Кале и нов мост преку Вардар ги спојуваме двете страни на Скопје. Голем дел од планираните транзитни и градски магистрали во градот не се реализирани, што претставува сериозна тешкотија за нормално одвивање на сообраќајот. Продолжувањето на булеварот „Св. Климент Охридски“, со мост над реката Вардар, со тунел под Скопското кале и поврзување со булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска улица) ќе ја зголеми мобилноста и протокот на возила и ќе има позитивни еколошки ефекти од намалената емисија на гасови и бучава, рече Шилегов.

Според одредени анализи, секојдневно на мостот „Гоце Делчев“ транзитираат од 80 до 90 илјади возила. Со ова решение ќе се растовари сообраќајот во западниот дел од градското подрачје. Оската југ-запад ќе стане пофункционална, а се очекува голем дел од возилата кои транзитираат кон северните делови на градот да се движат по новоизградената сообраќајница.

Шилегов објасни дека постои можност за изведба на сообраќајницата во фази. Прва фаза – булевар „Св. Климент Охридски“ од пред крстосницата со булеварот „Илинден“ со изградба на мост и вијадукт до тунелот, втора фаза –  тунелот како посебен и трета фаза – булеварот „Св. Климент Охридски“ и крстосницата со булеварот „Никола Карев“.

– Со проектот „Тунели под Кале“ ставаме крај на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје. Го растоваруваме сообраќајот на Бит-Пазар, Цветан Димов и на мостот „Гоце Делчев“. До саканата дестинација ќе се пристигнува за најмалку пет до 20 минути побрзо за разлика од сега. Тоа придонесува за заштеда на време и на гориво, а намалениот обем на сообраќај значи и почист воздух во Скопје – нагласи градоначалникот Шилегов.

Поврзани новости