Законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба, започнува денеска и ќе трае до 15 март следната година.
Обврската е пропишана во член 361 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, каде во став 1 е наведено дека моторните возила и мобилните машини кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 ноември до 15 март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема.
Според Законот, полицискиот службеник ќе нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Исто така, полицискиот службеник може да нареди возачот да го прекине натамошното движење и кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно задолжително да ја постави на возилото зимската опрема.
-Мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови согласно со одредбите од овој закон, на возачот кој постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член, стои во Законот.