Министерството за правда соопшти дека е отпочната постапка за екстрадиција на хрватскиот државјанин Даниел Иванагиќ од Словенија.
Добиено е известување од ИНТЕРПОЛ Скопје дека Иванагиќ е лишен од слобода во Словенија врз основа на распишана меѓународна потерница од надлежните правосудни институции.
„Барањето за екстрадиција е доставено до Министерството за правда на Словенија согласно роковите утврдени со Законот за меѓународна соработка во кривична материја и Европската конвенција за екстрадиција, поради основано соменние за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување“ соопшти Министерството за правда.
Иванагиќ од вчера е во екстрадиционен притвор во Словенија, кој според неофицијални информации бил уапсен на граница, кога се обидел да влезе во Хрватска. Тој е осомничен во истиот случај каде е и поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири. Иванагиќ е управител на консултантското друштво „Интерхолдинг“ од кое според Обвинителството, Зеќири нарачал физибилити-студија.