Преговорите за поддршка на идната бугарска влада со мандат на победничката коалиција „Продолжуваме со промените“ веќе се започнати и во овој момент се во тек, изјави за БНР Даниел Лорер, близок до лидерите Кирил Петков и Асен Василев.
Според Лорер, денеска „Продолжуваме со промените“ почнале преговори со „Има таков народ“, БСП и „Демократска Бугарија“. Но, со оглед на оставките во нивните раководства, разговорите во моментов се неформални и се надеваат дека до крајот на денот ќе можат да го споделат постигнатото.
БСП потврди дека ќе учествува во преговорите за формирање на новата бугарска влада, при што мандатот го доби „Продолжуваме со промените“. Корнелија Нинова соопшти дека телефонски разговарала со Кирил Петков и Асен Василев.
Засега од „Има таков народ“ на Слави Трифонов одбиваат да коментираат, а од „Демократска Бугарија“ за БНР потврдиле дека доцна попладне ќе се сретнат со претставници на „Продолжуваме со промените“, јавува дописникот на МИА од Софија.
Националистичката и популистичка партија „Преродба“ би преговарала за поддршка на идната влада со „Продолжуваме со промените“ само доколку се обврзат да ги укинат сите рестриктивни мерки воведени поради Ковид-19, изјави лидерот на партијата Костадин Костадинов. Сепак, Лорер коментира дека „Продолжуваме со промените“ не го прифаќа условот на „Преродба“.