Денеска се одржува првиот круг од изборите за француското национално собрание, при што претседателот Емануел Макрон се обидува да го зголеми релативното мнозинство во долниот дом што го држи неговото движење Ренесанса, додека француската екстремно десничарска лидерка Марин Ле Пен е уверена дека ќе освои апсолутно мнозинство во парламентот.
Избирачките места се отворени во 8 часот, а право на глас имаат 49,3 милиони луѓе.
Гласањето на голем број прекуокеански територии веќе започна.
Макрон ги свика предвремените избори откако екстремно десничарскиот Национален собир (RN) на Марин Ле Пен постигна големи успеси на изборите за Европскиот парламент претходно овој месец.
Партијата на Марин Ле Пен освои околу 32 отсто од гласовите на европските избори на 9 јуни, десет повеќе од претходните европски избори во 2019 година и 17 отсто повеќе од партијата на Макрон.
Национален собир води во предизборните анкети и пред новата левичарска алијанса, Новиот народен фронт (НПФ), неодамна основана за да се натпреварува на изборите.
Центристичката Ренесанса е на третото место.
Големата непозната е дали партијата на Марин Ле Пен може да освои апсолутно мнозинство, односно 289 места во Националното собрание. Најновата анкета на Ifop во средата покажа дека Национален собир и нејзините сојузници ќе освојат меѓу 220 и 260 пратенички места.
Ако антиимигрантската, евроскептична RN обезбеди мнозинство во 577-членото Национално собрание, Макрон ќе биде принуден да именува премиер од нив за да обезбеди стабилна влада.
Ле Пен е убедена дека нејзината партија ќе освои апсолутно мнозинство во парламентот, ќе формира влада и ќе наметне ограничувања на претседателот Макрон во однос на Украина.
Во Собранието влегуваат кандидатите кои ќе освојат апсолутно мнозинство во првиот круг, но во повеќето изборни единици победникот ќе се знае дури по вториот круг на 7 јули.
Вториот и последен мандат на Макрон завршува во 2027 година, а тој останува претседател без оглед на изборните резултати, но можеби ќе треба да ја дели власта со противниците. Остриот пад на поддршката за Ренесансата сигурно ќе ја ограничи нејзината ефикасност.
Марин Ле Пен важи за сериозен противник на следните претседателски избори.