Почна уривањето на Националниот театар на Албанија – на протестот приведена и сопругата на Илир Мета

by fokus

Националниот театар на Албанија, што се смета за еден од најубавите и најзначајни објекти во албанската метропола, заминува во минатото.

И покрај противењето на тетарските работници, граѓани, граѓански здруженија, партии, па дури и претседателот Илир Мета, утринава во 4:30 часот градежна механизација почна со уривање на објектот.

Веднаш се создаде тензична ситуација што доведе до судир меѓу полицијата и активистите од Алијансата за заштита на тетарот, по што дел од нив биле приведени, а активностите за уривање прекинати. Состојбата во Тирана каде се наоѓа објектот и натаму е тензична.

При интервенцијата за рушење на објектот полицијата синоќа ја привела и претседателката на партијата Движење за Социјалистичка интеграција, Моника Криемади, инаку сопруга на претседателот на државата Илир Мета.

Криемади дала отпор во моментот кога полицијата асистирала за влез на машинеријата за уривање на театарот. Исто така меѓу 24-те приведени има и новинари, актери, режисери…

Насобраните граѓани се обидуваат да го пробијат полицискиот кордон. Целиот комплекс „Национален театар“ опфаќа површина од 13 илјади квадратни метри, а на седум илјади од нив е објектот во кој освен театарот се и библиотеката, центарот на преведувачи, информативниот центар и слично.

Тој е дело на италијанскиот архитект Џулио Берте, изграден 1938/39 година по барање на албанското кралско семејство. Одлука за негово уривање ја донесе албанскиот Парламент во септемри 2018 година, со ветување од владата дека ќе изгради нов посовремен објект. По масовните протести и несогласувања владата не успеа да го реализира неговото уривање.

Деновиве таа го пренесе во сопственост на општина Тирана,чиј совет на онлајн седница во четвртокот ја донесе судбоносната одлука за овој објект. Албанскиот претседател Илир Мета до Уставниот суд достави барање за испитување на уставноста на одлуката на владата со која Националниот театар преминува во сопственост на општина Тирана, оценувајќи ја за антиуставна и оти е закана за богаството и јавниот имот.

Поврзани новости