Во Основниот суд во Струга денеска почна главната расправата во судскиот процес против градоначалникот Рамиз Мерко за поставувањето спомен обележје-плоча на влезот на општинската зграда.
Ова е една од неколкуте судски постапки што се водат против Мерко кој од јуни 2023 година е и на „црната листа“ на САД поради вмешаност во корупција.
Во случајот со спомен-плочата, тој се товари дека во март годинава ја поставил на влезот на зградата и со тоа, според обвинителството, поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга.
На стартот на судењето, Мерко се изјасни дека не се чувствува виновен.
Како сведок, денеска беше сослушан и актуелниот заменик-министер за правда, Ален Деребан, кој е поранешен советник во Општина Струга. Според него, плочата предизвикала етнички раздор и нетрпеливост кај населението поради, како што рече, содржината, која го слави периодот кога Струга била под фашистичка окупација.
-Поставувањето на плочата предизвика етнички раздор и нетрпеливост во Општина Струга, затоа што со содржината се слави периодот кога Струга и западниот дел од Македонија бил под фашистичка окупација од Италија. Очекувам дека судот врз основа на доказите ќе донесе осудителна пресуда, со којашто во иднина ќе се спречи оваа пракса за поставување на спомен плочи и спомен обележја од контроверзни личности од историјата со кои се задира во Уставниот поредок на Република Македонија – изјави Деребан по давањето исказ пред судот.
За поставената плоча на општинската зграда во Струга, пред десеттина дена Комисијата за заштита од дискриминација утврди дека Мерко со своите постапки предизвикал продолжено вознемирување кај жителите на овој град.