Почна полицискиот час за граѓаните на сите општини во градот Скопје, околните скопски општини Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец и Студеничани, во Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце.
Забраната за движење на граѓаните во овие општини ќе трае 80 часа, односно до понеделник до 05 часот.
Интересно е што општина Сопишите, која е на четири километри од центарот на Скопје, не влегува во оние општини за кои е одреден 80-часовниот карантин.
Во општина Сопиште и сите останати градови во земјава забраната за движење, која почна во 21 часот ќе важи до 05 часот утре наутро. Забрана за движење ќе имаат и другите денови од продолжениот викенд, односно и петок вечер, сабота вечер и недела која ќе почнува во 16 часот и ќе трае до 05 часот наутро.
Поради претстосјниот празник Задушница и Духовден забрана е воведена и за посета на гробиштата на целата територија на државата и тоа од вечерва од 21 часот до понеделник до 05 часот.
Одлуката за повторно воведување забрана за движење е донесена согласно препораките на Комисијата за заразни болести, со цел брза и ефикасна реакција за спречување на ширењето на коронавирусот. Забрана за движење на териорија на цела држава имаше до 26-ти минатиот месец, кога беше целосно укината.
За време на периодот за кој е донесена оваа одлука за забрана за движење, аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.