Скопје се подготвува за 13-то издание на најмасовната спортска манифестација во Македонија, Виз Ер Скопски маратон, што ќе се одржи на 7 мај 2017.
На програмата се 4 трки: маратон, полумаратон, штафетен маратон (4 х 10,5 км) и трка на 5км.
Оние што во 2016 година не си го искористија купонот за бесплатно учество (а биле пријавени учесници во 2015 во маратонската, полумаратонската трка или штафетниот маратон) може тоа да го направат за 2017 година.
Старт на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон е во 8,30 часот на 7 мај 2017. Стартот на трката на 5км е во 8,40 часот на 7 мај 2017.
Интересот за настанот е на завидно ниво, а годинава како една од атракциите на маратонот се најавени трите сестри близначки од Естонија, Leila, Liina и Lily Luik. Трите близначки се првото трио близнаци кои во историјата на олимпизмот се имаат квалификувано и учествувано на Олимпијада (летна или зимска). Освен како атлетичарки, тие се и професионални хип-хоп танчерки и уметнички (Леила и Лили сликаат портрети, пејзажи, цветови и лебеди – инспирирано од нивното презиме кое преведено од естонски значи „лебед“).
В.К.