Во Клубот на пратениците во Скопје почна средбата на лидерите на парламентарните партии со повеќе од еден пратеник иницирана од премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев. На средбата треба да се надминат разликите меѓу владејачките партии и опозицијата околу подготовките на референдумот за Договорот со Грција што треба да се одржи наесен.
Заев, како што беше соопштено од Владата вчера, лидерската средба ја свикува во ваков состав (лидерите на сите парламентарни партиии со повеќе од еден пратеник) заради исклучителниот политички момент кој наложува проширување на институционалната рамка на лидерските состаноци.
На средбата присуствуваат премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев со Радмила Шекеринска, Христијан Мицкоски и Тања Каракамишева од ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Бујар Османи од ДУИ, Зијадин Села и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Мендух Тачи и Имер Алиу од ДПА, Африм Гаши од едното и Билал Касами и Фадил Зендели од другото крило на Беса, Горан Милевски и Дуфе Кукоски од ЛДП, Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, Љупчо Димовски и Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија, како и Тито Петковски и Горан Мисовски од НСДП.
Ова е првпат лидерска средба да се одржува во ваков состав односно да бидат поканети и лидери на партиите што имаат повеќе од еден пратеник во Парламентот.
Премиерот Заев денеска во Штип изјави дека на лидерската средба на маса ќе го стави референдумот, што согласно договорот со Грција треба да се спроведе наесен.