По 45-ти пат во Прилеп се слушна грмотот на тапанот, писокот на гајдата и кавалот во рамки на јубилејниот фестивал за народни песни и инструменти „Пеце Атанасовски“. Над 300 учесници од целата држава се дел од годинешниот најголем фестивалски македонски бренд од овој калибар. Радува фактот што има огромен број на млади кои го неговуваат традиционален македонски мелос и ја продолжуваат традицијата.
„И навистина ми претставува гордост да ја негуваме традиционалната музика и да им покажеме на младите генерации како тоа треба да се прави“, истакна Андреј Трајковски, група „Аманет“ Скопје.
Дел од учесниците побараа државата да одделува многу повеќе пари за овие фестивали.
-Малку сме револтирани на нашето Министерство за култура кое многу малку одвојува за македонските фестивали“, кажа Бранко Ѓурѓоски, КУД „Гоце Делчев“ – Битола.
Годинава фестивалот доби само 300.000 денари од државата. Организаторите велат дека со овие средства фестивалот само може на некој начин да се одржува, но никако и да напредува и развива.
– Не известија дека ни се одобрени 300.000 денари, кои за жал се уште не се стигнати. Тоа не е во ред бидејќи сега ние буквално народски кажано си пееме и играме на „Жими мајка, рече Весна Атанасоска Вучиќ, ќерка на Пеце Атанасовски и дел од организацијата на фестивалот.
Фестивалот „Пеце Атанасовски“ се смета за еден од столбовите и чуварите на нашата традиција, историја и култура.
-Многу генерации ја земаа и прифатија таа љубов која ја имаше чичко Пеце и од тој темел што се постави излегоа многу големи гајдаџии и инструменталисти“, кажа Илчо Јованов, професор на музичката академија во Штип.
„Пеце Атанасовски не само што беше основач на овој фестивал, тој беше и остана столб народното творештво“, вели Захаринка Милосављевиќ, дел од организацијата на фестивалот.
Денес фестивалот продолжува кај месноста Рудина кај Долнени.