Во Основното училиште „26 Јули“ во општина Шуто Оризари денеска почна првото главно тестирање во рамки на државното тестирање на ученици од трето одделение. Го спроведува Државниот испитен центар (ДИЦ) и ќе бидат опфатени ученици од 79 училишта на македонски наставен јазик и 41 училиште на албански наставен јазик.
Ќе бидат тестирани 4200 ученици по мајчин јазик (македонски јазик или албански јазик) и 1600 ученици по математика (на македонски и на албански јазик).
Целта на државното тестирање е да се добијат објективни податоци за остварувањето на стандардите на постигнувањата на учениците за наставни подрачја и наставни предмети од особена важност во текот на основното образование.
Според МОН и ДИЦ, ваквите податоци ќе обезбедат докази за развој и унапредување на образовните политики во насока на достигнување на современите светски образовни стандарди.
Почетокот на тестирањето во ОУ „26 Јули“ го посетија министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорката на ДИЦ Елизабета Наумовска.