Со настапот на Владо Јаневски, кој ја исполни новата песна „Рулет“ во неговиот препознатлив руски мелос, вчера официјално беше пуштено во употреба панорамското тркало над водите на Вардар. Тркалото ќе го носи името „Вергина“ и ќе има онолку кабини колку што има зраци на сонцето од Кутлеш.
Првите 16 среќници кои имаа можност да се повртат над реката беа избрани преку лотарија на МТВ, иако всушност беа осуммина бидејќи сите беа избрани по двапати. Македонската телевизија гарантираше дека немало местење при лотаријата, иако сите што беа избрани имаа исто презиме и идентично место на живеење.
За тркалото беа потрошени вкупно 40 милиони евра и покрај тоа што првично се најавија само 15,5, но во текот на изведбата се појавија непредвидени трошоци. Изведувачот не знаел дека панорамското тркало треба да има мотор, довод на струја, во кабините не биле предвидени клупи во барокен стил, заштитни појаси и брошурите „Преродени во 100 чекори“.
Иако возењето е дозволено за сите граѓани, со оглед дека тркалото се вика „Вергина“ на него не смее да се качи Црвенковски бидејќи управата на ЈСП, која раководи со објектот, се плаши дека Бранко може да го скрати бројот на краците и на Панорамското тркало, како што го стори тоа со знамето.
МВР издаде забрана за Црвенковски дека не смее да се доближува 20 метри до тркалото, симболично во името на двете децении во кои ја пустошеше Македонија.