Почна да се чисти теренот на Водно, се уриваат неколку објекти

by Фокус

Поради отпор на дел од жителите на највисокиот урбанизиран дел на Водно, околу улицата Питу Гули, се одложи рушењето на неколку објекти, што утрово се обиде да го стори приватна градежна компанија, придружена со полициски екипи, врз основа на управен акт на Општина Центар. Но, тоа е само привремено, а единствен спас за овие објекти е само одлука на Уставниот суд дека урбанизацијата на овој предел од Скопје е неуставна, која се уште се очекува. Ова земјиште беше предмет на една од „бомбите“, која, спроед опозицијата, покажува дека овие атрактивни парцели ги пикирале највисоки функционери во власта.

Бизнисменот Ристо Гуштеров, кој живее токму во овој дел на Водно, изјави дека спречиле обид за насилно уривање на неколку гаражи, кои, истакнува тој, жителите на оваа населба ги имаат во владеење десетици години, па затоа поднеле барања за менување на сопственоста, односно за приватизација на изградено земјиште, врз основа на законските прописи за легализација.

– Сето ова се прави заради 23.000 метри квадратни простор кај резиденцијата на премиерот, каде треба да се уништи шумата и да се изградат станбени обкјекти. На тој начин, освен што ќе се уништи зеленилото, ќе се уништи и нормалниот живот на граѓаните – вели Гуштеров.

Gusterov 2

Инаку, уривањето на овие спорни објекти се прави врз основа на управни акти кои, како што информира актуелниот раководител на Секторот за инспекциски работи на Општина Центар, Кочо Стојчевски, донесени се во времето на претходниот градоначалник Владимир Тодоровиќ и едноставно актуелното општинско раководство предводено од Андреј Жерновски нема начин да ги игнорира.

– Државниот градежен инспекторат и Управна инспекција извршија притисок да постапиме врз тие управни акти. Пред две недели, инспекцијата ни се закани дека во спротивно ќе го казнат градоналачникот, што ќе биде петта казна врз негов приватен џеб, која ќе се движи од 7.500 до 15.000 евра. Оттука, тој мораше да побара полициска интервенција за да постапиме по тие акти – објаснува Стојчевски.

Гуштеров вели дека успеале да ја спречат елиминацијата на објектите и дека ќе се жалат на решенијата, за кои не биле навремено известени. Стојчевски, пак, нагласува дека дека жалбата не го одложува извршувањето, но, сепак, оставиле неколку дена со цел самите жители да ги отстранат објектите.

Единствен спас за овие објекти, според Стојчевски, е позитивен епилог Уставниот суд, кој по претставка на Гуштеров треба да одлучи дали е уставна одлуката за урбанизација на овој дел од Водно, каде има зелен појас. Меѓутоа, Судот се уште не се произнел.

garazi

Токму ова земјиште на Водно веше предмет на една од „бомбите“ што ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, според кој, премиерот Никола Груевски, преку блиски луѓе, стекнал парцели токму во овој атрактивен предел, а еден од нив беше неговиот кум од првиот брак Ристо Новачевски.

Од друга страна, Груевски децидно ги отфрли обвинувањата дека имал мегаломански афинитети, демантирајќи дека поседува имот настрана од она што го пријавил во Антикорупциската комисија, каде нема подаок дека поседува станбен простор и земјиште.

Како што пишуваше Фокус, во овој контекст клучно е тоа што со промените на Генералниот урбанистички план се проширува градската зона токму во правец на Водно, во делот кој дотогаш беше зелена територија.

Ваквото проширување, според произволните проценки на експертите по урбанизам со кои разговаравме, е за над 30.000 хектари, при што 20.000 хектари остануваат зелена површина, додека за околу 10.000 хектари е направена пренамена во површина за градење. Односно, вградени се градежни и катастарски парцели, врз кои треба да никнат над 20.000 станбен простор.

Врз основа на овие промени, пак, во 2014 година се менуваат двата контроверзни Детални урбанистички плана од страна на Општина Центар („Тасино Чешмиче“ и „Капиштец – Водно)“, со гласот на претседавачот на советот Мирослав Шиповиќ, откако тој, како што е познато, излезе од привор.

Тогаш се разви дебата дали ДУП-овите се легално усвоени, бидејќи 11-те гласови не се мнозинство од вкупниот број на советници, како што налага законот, туку мнозинство од присутниот број на советници.

Поради тоа, министерот за локална самоуправа, Лирим Шабани, истакна дека спорните ДУП-ови не се законски донесени без 12-тиот глас од вкупно 22 советници, додека првиот човек на инспекторатот за локална самоуправа, Ванчо Шехтански, сметаше дека ваквите одлуки се носат со просто мнозинство, бидејќи не е предвидено поинаку.

Како и да е, градоначалникот Жерновски ја обжали ваквата одлука пред Уставниот суд, но Судот ја отфрли неговата иницијатива, прогласувајќи се за ненадлежен да одлучува за одлуки и решенија за урбанизам во општините, што ги зацементира одлуките за новите ДУП-ови, донесени со еднаков број гласови на двете страни.

Поврзани новости