Српскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ во интервју за „Спортал“ одговори на коментарот на Рафаел Надал кој неодамна изјави дека „Ѓоковиќ ја живее таа грен слем приказна на малку поинтензивен начин (од мене; од нас другите). За него би било голема фрустрација доколку не го постигнеше тој рекорд“. Ова се однесуваше на 24-тата грен слем титула на Србинот.
Ѓоковиќ му одговори на големиот ривал:
„Видов дека стана доста вирално, дека луѓето зборуваат за тоа. Секој има право на свое мислење и како толкува некој друг во тој контекст. Тоа е сè што можам да кажам. Рафа е голем шампион, имам многу почит кон него и го почитувам како шампион, како мој најголем ривал, како човек и тенисер кој е многу вклучен во обликувањето на мојата игра и резултатите што ги постигнав. Немам намера на кој било начин да зборувам во негативен контекст за него или за Роџер Федерер затоа што мојата почит ги надминува можеби некои негативни мислења за нив. Тоа е негово мислење со кое секако не се согласувам. Имам свое мислење, но нема да го споделам затоа што не сакам да ја продлабочиме темата. Воопшто нема потреба од тоа“, изјави Ѓоковиќ.