Илија Лазаревиќ, момчето кое исчезна на почетокот на април 2021 година, во време кога имаше 30 години, е починатото лице кое беше пронајдено во бездна кај местото викано Просек, Демир Капија, на 27-ми март годинава.
Веста ја потврди неговата мајка Снежана, која информира дека Илија ќе биде погребан утре.
-Вчера добивме писмо од обвинителството. Во него, читаме дека ни изразуваат сочувство. Телото пронајдено во бездната во Просек било на мојот син, со 99 проценти сигурност. Денес бевме со сопругот во Јавното обвинителство во Кавадарци. Облеката е на Илија, ама јас уште се надевам дека сето ова е само сон, дека Илија ќе си дојде дома – за ,,Фокус” раскажува мајката.
Додава дека местото каде бил пронајден, во минатото Илија често пати го посетувал, бидејќи сакал да шета во природа.
-Многупати Иле одеше таму, пешачеше, шеташе. Теренот е стрмен, најверојатно се лизнал и така паднал во бездната. Од нашиот дом, до таму се стига за околу половина час. Што да кажеме повеќе, очекувавме добри вести да слушнеме, постојано имав верба дека тој е жив – вели Снежана.
Околу тоа дека било забележано тело во длабока бездна во Просек уште во март, информираа од СВР Велес, од каде појаснија дека станува збор за непристапен терен, па специјални екипи дури по четири дена успеаа да го извлечат. Потоа телото беше предадено на обдукција, од која резултатите семејството ги добило дури сега.
,,Фокус” пишуваше во повеќе наврати за случајот со исчезнатиот Илија. Излегол од дома да се прошета и не се вратил повеќе. Неговата мајка во очај апелираше до јавноста да помогне во пронаоѓањето на нејзиниот син, за кого до последен момент веруваше дека е жив и дека ќе се врати дома.
Тој исчезнал во петок, на втори април, а веќе наредната вечер, во саботата, мобилниот телефон му бил исклучен. Последен пат сигнал од телефонот бил лоциран кај старите тунели во Демир Капија.
Вики Клинчарова