Починати ковид пациенти, профити до плафон!

by Fokus

Пишува Ирена МУЛАЧКА

На 26 април, 2020 година тогашниот министер за здравство Венко Филипче од Илинденска го објави првиот случај на заразен пациент од ковид 19, со што пандемијата се појави на голема врата и во Македонија. Во тој период, екс министерот за кратко време стана најголема ѕвезда во државата и со брзина на светлината беше формирана и група за поддршка на неговата работа. Но, како што „светна“ неговата ѕвезда, така експресно и згасна!

Деновиве во јавноста актуелно е истражувањето на ИРЛ „Нечиста крв“ за случувањата во приватната болница „Жан Митрев“ од каде што излегоа со шокантни сознанија, особено во периодот за време на ковид пандемијата. Од таму дојдоа до ексклузивни информации дека дел од пациентите, кои се лекувале таму фатиле и по неколку бактерии, кои никогаш не биле пријавени кај надлежните институции, а во меѓувреме испадна дека целиот процес на хемофилтрација е експеримент.

Но, сепак да се навратиме две години наназад и реално да признаеме дека здравствениот систем целосно потфрли за време на целата пандемија. Секоја чест на дел од лекарите и медицинскиот персонал, кои водеа битка за животите на болните од опасниот вирус, но истото не можеме да го кажеме за тогашниот министер Филипче, па и сега актуелниот Беким Сали. 

За две години починаа повеќе од 9.300 пациенти, кои според статистиката се  официјални бројки на починати пациенти и кои во системот се внесени како „жртви на корона вирусот“. Но, дали сите починаа од ковид?

Најпрвин Филипче, без никаков проблем им даде зелено светло на приватните болници да тестираат и лекуваат од ковид, со што сумите на тестирање достигаа и до 12.000 денари, додека пак за лекување се вртеа и вртоглави суми од 12.000 па се и до 70.000 евра. Нели, во зависност од тоа каков третман нуди приватната болница, но и тоа не гарантира дека од таму ќе излезат живи. Како и што се случи.

На почетокот приватните болници тврдеа дека државата не соработува со нив, па така тие си продолжија по старата шема и  пандемиски се нафатираа со милиони евра, а стапките на смртност продолжуваа да растат, па така голем број на пациенти со документи во рацете пред речиси една година се обратија во нашата редакција за случувањата во приватната болница „Жан Митрев“, кои беа објавени во серијал од неколку текстови. На страниците на „Фокус“ завршија траорни ковид приказни со морничав крај. Изгубени животи, голготи при лекувањето, земање кредити и продавање на имоти за преживување. А, сепак со трагичен крај.

Тоа се што излезе, ја разобличи суровата реалност во која се лекуваат македонските пациенти, но и на сите нивни трагични судбини за кои министерството за здравство не реагираше. Самиот Филипче беше запознаен каков метод на лекување се користи кај докторот Митрев, за што и сам даде изјава дека не се користи никаде и дека е неквалитетен и непроверен за лекување. Па, кога веќе тоа го знаеше – што не го спречи? Дали некој од министрите ќе одговара за тоа што се случувало во приватната болница, а уште пострашно што го дозволиле тоа?

Уште поголем проблем со трагичните ковид приказни е што многу од пациентите беа напумпани со огромни количини на кислород, кои дополнително им ја влошијаз здравствената  состојба. Слободно можеме да потврдиме дека сите оние пациентите кои официјално се ставени во статистиките на починати, не биле сите жртви на корона вирусот. За тоа веќе пишувавме во неколку наврати и баравме одговори од надлежните институции, но како и по традиција никој не презема ништо. Дури, доктори од Германија, кои работеа во тамошните ковид центри јавно збореа дека македонските пациенти во дел од болниците се „предозирани“ со кислород.

Еве поминаа повеќе од две години, и покрај сите грешки, пак се продолжува по старо. Кој ќе одговара за  алармантната смртност? Кој ќе истражи што се случувало зад болничките врати и во јавното и во приватното здравство. Зошто дел од пациентите претставувале експеримантални заморчиња?

Не е работата само Јавното обвинителство да отвори предмет, туку и треба да ја истера работата до крај. Секој кој на некој начин посегнал по човечкиот живот треба да одговара, без разлика за кој се работи. Слободно можеме да кажеме дека од ковид пандемијата многу профитираа и ги наполнија џебовите за сметка на животот на пациентите. Се на се, ковид пациентите ја изгубија битката, профитот, бизнисот и тендерите цветаат, а ужалените семејства ќе продолжат да ја бараат правдата, кој според досегшната пракса, никогаш не го видела светлото на денот.

Едно мора да биде јасно, одговорност мора да има и неа да ја понесат повеќе луѓе. Тие што дозволија и тие што профитираа со човечкиот живот. Жртвите на пандемијата нема никој да ги врати, но барем нивните семејства преку добиена правда можат малку од малку да си го вратат мирот во душата!

 

Поврзани новости