Влатка Гракалиќ (48), позната во регионот како последната пејачка на „Сребрени крила“ која беше дел од хрватскиот бенд од 1994 до 2000 година, починала вчера од рак на матката, во Норвешка. Таа дојде во познатата група по заминувањето на Влатка Покос и остави повеќе денс хитови зад себе.
Беше во врска со Мустафа Исмаиловски- Муц, фронтменот на бендот, кој почина на свои 46 години, во 1999 година, по тешко боледување. Силно ја погоди неговата смрт, по што таа замина од групата. По смртта на Муц Влатка се посвети на соло кариерата, се пресели во Шпанија, а потоа се скраси во Осло, Норвешка. За хрватските медиуми раскажуваше дека се заљубила во Норвежанин, со кого стапи во брак и доби две деца. Сепак, на својот официјален профил често се сеќаваше на времето минато во Хрватска како дел од „Сребрени крила“.
Објавуваше песни и спотови од периодот кога имаа редовни настапи, па дури и нејзината последна објава е фотографија на која позираат заедно со Муц.
-Муц, 31.12.1999 – 31.12.2000 пишува Влатка во последната јавна објава, а над фотографијата прикачила срце. Нејзината сестра Маја Гракалиќ ја потврдила веста за смртта на пејачката за хрватските медиуми, појаснувајќи дека погребот ќе биде во кругот на најблиските, кои бараат разбирање од јавноста и мир во тешкиот период.
Фото – Филип Брала
Вики Клинчарова