На 63-годишна возраст почина познатиот бизнисмен Ване Богдов, јавија штипските медиуми.
Неговите сограѓани ќе го паметат како голем хуманист, а на градот под Исарот му ја остави и уникатната црква „Свети Константин и Елена“.
Пошироката јавност го запозна кога на почетокот на минатата година својата конфекција „Вабо“ им ја предаде на управување на вработените.
На работниците им ја даде на користење фабриката со целата опрема во неа при што, како што најави, во првата година нема да плаќаат никаков надомест за тоа, а од втората година, само под услов фабриката да работи со добивка ќе наплаќа минимална кирија за 1.250 метри квадратни производен простор колку што има фабриката.
Богдов најверојатно починал од срцев удар, откако паднал при вечерна прошетка во центарот на Штип. Речиси во истиот миг на местото се нашол студент по медицина од Турција кој го реанимирал и успеал да му го поврати пулсот. Бргу бил пренесен во болница, но не преживеал.