Почина судијата поради чија лустрација беше осомничен пратеникот Милошоски

by fokus

Викендот во Кичево е погребан поранешниот судија Драги Билески кој беше лустриран за што подоцна СЈО во предметот „Моќник“ го осомничи пратеникот Антонио Милошоски, објави телевизија Телма. Билески во 2005-та бил и дел од судскиот свет што на доживотна казна затвор за двојно убиство ги осуди Анте Ристески и Игор Мирчески, иако ДНК анализата ги ослободувала од вина за убиство на една жена, кое подоцна е поврзано со мистериозно самоубиениот новинар Владо Танески.

Билески беше лустриран во процесот на лустрација, но ја доби државата на Европскиот суд за човекови права затоа што не му била овозможена фер постапка и не биле земени во предвид доказите кои се во негова полза.

Потоа беа поништени македонските одлуки во управните постапки кои претходно Билески ги изгубил. За одлуките бил известен и Судскиот совет кој откако ќе добие барање ќе можеше да ја укине претходната одлука за разрешување на Билески. Обвинителството не отвори истрага против 6-те управни судијки кои не ги прифатиле доказите на Билески и ја потврдиле лустрацијата. За три судијки застарело делото, а за трите од Вишиот управен суд немало дело, одлучи обвинителството.

По една од бомбите кои СДСМ ги објавуваше во 2015-та, опозицијата посочи дека се слуша како пратеникот Антонио Милошоски ја нарачува лустрацијата на кичевскиот судија од тогашниот претседател на лустрациската комисија Томе Аџиев. Аџиев тврдеше, а истото го тврди и денеска дека пратеникот само се интересирал до каде е случајот.

Таа бомба е дел од случајот „моќник“ кој СЈО го покрена против 12 лица меѓу кои се Милошоски, неговиот татко, но и членови на лустрациската комисија, како и поранешен градоначалник и советници во општина Македонски Брод. Случајот се однесува за откупена државна зграда која била користена од општина Пласница, а купувач бил таткото на пратеникот.

Поврзани новости