Почина српскиот амбасадор во Русија, новинарот Мирослав Лазански

by fokus

Амбасадор на Србија во Русија, Мирослав Лазански, почина ненадејно на 71-годишна возраст, соопшти Министерството за надворешни работи на Србија.

-Министерството за надворешни работи со тага соопштува дека ненадејно почина нашиот ценет колега, српскиот амбасадор во Руската Федерација, Мирослав Лазански, . Ќе го паметиме како голем патриот, одличен писател, новинар, еминентен воено-политички коментатор, кој ја сакаше својата земја и гордо ја претставуваше низ целиот свет, се наведува во соопштението.

Лазански беше писател, новинар и воено-политички коментатор.

Роден е на 18 септември 1950 година во Карловац.

Основно училиште завршил во Карловац, гимназија во Требиње и Правен факултет во Загреб. Како новинар, пишуваше за тогашните југословески и хрватски весници „Полет“, „Вјесник“, „Данас“ и „Старт“.

Во февруари 1991 година, се преселил во Белград и започнал да пишува за дневниот весник „Политика“. Покрај тоа, тој пишуваше и за Политика експрес, НИН, Вечерње новости, загребски Старт, Катимерини, неделник Дајмонд веекли и Секуритаријан.

Напишал седум книги и е автор на десетина телевизиски серии.

Лазански известуваше за војните во Авганистан, Бејрут-Либан, Чеченија, Заир, Либан, конфликтот меѓу Ирак и Иран, за време на операцијата Пустинска бура, за време на војната во Босна и Херцеговина, Словенија, Косово и Либија.

На изборната листа на кандидати на Српската напредна партија за пратеници во Собранието на Србија за изборите во 2016 година, тој беше во групата на непартиски личности на листата предводена од Александар Вучиќ.

Лазански е назначен за српски амбасадор во Москва во јули 2019 година.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, испрати телеграма со сочувство до семејството на Мирослав Лазански.

-Србија загуби голем човек, амбасадорот во Руската Федерација, еден од најдобрите експерти за геополитички прашања, воена стратегија и тактика, исклучителен новинар и публицист и пред се добар човек. Човек кој ја сакаше Србија повеќе од се. Му благодарам за се што направи за нашата земја и нека му е вечна слава, стои во телеграмата со сочувство од Вучиќ.

Поврзани новости