Вики Икономова (56), сопруга на Апостол Поце Икономов, вокалистот на култниот бенд „Меморија“, починала вчера, по десет години поминати во постојана битка за својот живот и здравје. Веста за смртта ја објави Петар Георгиевски од бендот, со зборовите дека храбро се борела до последниот здив.
За животната битка на Вики и нејзиното семејство, „Фокус“ пишуваше пред две години, кога Поце раскажа со каков предизвик ги соочил животот.
Во време кога тој останал без работа, а и бендот беше во мирување, на неговата сопруга и бил дијагностициран тумор на мозок.
– Тешка дијагноза, рати за кредит за стан, минимална социјална пензија на сопругата, која не е во состојба да работи, едноставно животот ни се измести од колосек.
Оние кои ми се блиски знаат низ што минува моето семејство. На сопругата која се бори со тешка болест и е во кревет, постојано и е потребна помош за да може да функционира. Животот ни донесе непредвидливи ситуации… Не сум човек кој би молел за помош, мислам дека свеста кај институциите треба сама да работи, да се ценат вредностите, раскажуваше музичарот, апелирајќи дека сака да добие шанса да работи и чесно да заработува за семејството.
Молеше да биде слушнат од институциите и да добие шанса да се покаже на работно место кое би одговарало на неговите способности и квалификации, посебно од областа на музиката.
Откри дека за него е понижувачки во своите педесетти години, по се што направил за македонската музичка сцена, да чека од пензиите на родителите кои се во своите 80-ти години, посебно кога живееме во време кога милиони евра годишно, државни пари, се даваат за најразлични проекти од областа на културата и музичката уметност.
Негови пријатели и колеги тогаш ни потврдија дека се наоѓа во незавидна состојба, и прашуваа како институциите го заборавиле човекот кој зад себе остави над 600 концерти, голем број на албуми, хитови кои се обележје на едни минати времиња од нашата музичка историја, а и до денешен ден се актуелни. Истакнаа дека тој одлично би се снашол во улогата на музички уредник во медиум, во телевизија, радио… а кога државата делела разни финансиски награди на истакнати уметници, национални пензии и субвенции, сосема го заборавила Икономов.
– Наместо да купуваше плочи, да ги собираше парите на страна, Поце досега ќе си купеше два стана, ни откри негов пријател и колега од бендот. Но, Поце, сепак животот го посветил на музиката, а не на трупање на материјални богатства, и враќањето на концертите на „Меморија“ го доживеал како еден вид на враќање во живот.
– Повремените настапи не носат доволно средства за мирен и среден живот, посебно кога сум соочен со тешки животни предизвици. Затоа и ми е потребна стабилна работа, редовни примања. Се надевам дека ќе бидам слушнат од институциите, ни изјави тој пред две години, но и по објавата на текстот, не бил контактиран од ниту една државна институција, која евентуално би му понудила решение.
Вики Клинчарова