Ве известуваме дека по кратко и тешко боледување почина Професор Емеритус Александар Николовски.
Емеритиус Николовски во својот животен век извршуваше голем број на државни и академски функции. Беше Прв Ректор на Универзитетот ФОН, Претседател на Интеруниверзитетската конференција на универзитетите во Република Македонија. Долгогодишен професор и продекан на Економскиот факултет и Правниот факултет при УКИМ, основач и прв Претседател на постојаниот избран суд (арбитража) на Македонија меѓу другите функции. Неговите книги се дел од постојаната колекција на конгресната библиотека во Вашингтон, САД.
Комеморација за Професор Емеритус Александар Николовски ќе се одржи утре 30.10.2018 (Вторник) со почеток во 11 часот во свечениот амфитеатар на ФОН Универзитет и 31.10.2018 (Среда) во 10 часот на Економскиот факултет на УКИМ.
Погребната церемонија е закажана за 31.10.2018 во 11 часот во капелата на градските гробишта во Бутел.
Професор Емеритус Александар Николовски е роден на 10.03.1936 година во с. Леуново, Маврово. Дипломирал на Правниот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје 1960 година, како прв од генерацијата 1956 година, магистрирал во 1971 година на истиот факултет на тема „Меѓународна правна помош“, каде и докторирал во 1973 година на тема „Правни последици врз земјиштата и објектите предизвикани од природните катастрофи“.
Во својот работен век бил секретар на Општина Кисела вода, генерален секретар на Градско Собрание, во Јануари 1974 година бил избран во доцент на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде подоцна бил избран и во вонреден и редовен професор, а бил и продекан на истиот факултет.
Во периодот од 2003-2007 бил ректор на Европскиот Универзитет-Република Македонија, а од 2007 до 2013 година и ректор на Првиот приватен ФОН-Универзитет. Исто така, два мандата бил председател на Ректорската конференција на приватните универзитети во Република Македонија, а потоа и претседател на Интеруниверзитетската конференција на универзитетите во Република Македонија, како и потпретседател на Алијансата на централно-источни европски универзитети. Во 1993 година бил основач на Постојаниот избран суд (арбитража) при Стопанската комора на Република Македонија, каде бил претседател се до 2011 година, а до крајот на животот и почесен претседател. Исто така бил и меѓународен арбитер во повеќе меѓународни арбитражи, меѓу кои: Москва, Киев, Софија, Љубљана, Сараево, Белград, Загреб, Виена и други.
Професионална ориентација му беа: трговско право, меѓународните договори, транспорт, шпедиција, осигурување и корпоративно управување, на ЕУ. Предавал повеќе предмети на додипломски, постдипломски и докторски студии и бил ментор на голем број магистерски и докторски трудови на неколку универзитети во Република Македонија и надвор.
Учествувал на голем број домашни и меѓународни конференции, како и во многу домашни и меѓународни комисии од неговата научна област. Членувал во повеќе организации и научни и стручни тела во Македонија и надвор од неа.
Има објавено 34 книги од кои 10 се наоѓаат во Конгресната библиотека во Вашингтон и огромен број рецензирани научни трудови објавени во Македонија и странство.
Вечна му слава! Vivat academia! Vivant professores!