Од Психијатриска клиника информираа дека денеска, по кратко боледување почина проф. д-р Витомир Мицев, еден од основоположниците на македонската психијатрија и психотерапија, поранешен претседател на Македонското лекарско друштво, на Македонската психијатриска асоцијација.
Проф. д-р Витомир Мицев е роден 1940 година во Белград. Во Cкoпje завршува средно училиште (1957) и Медицински факултет (1965). Наредните две години работи како лекар по општа пракса во Гостивар. Од 1968 година до 1974 година работи во Лондон, каде во 1972 година добива диплома за завршена психолошка медицина, односно специјалистичка диплома по психијатрија. Со такво богато стручно образование се враќа во Скопје и истата 1974 година се вработува на Клиниката за невропсихијатрија, како единствен лекар во тоа време кој специјализирал во странство. Во 1984 година проф.д-р Мицев одбранил докторат на Медицинскиот Факултет во Скопје.
Во 1976 година проф. д-р Мицев повторно престојува во Лондон, а исто така овој студиски престој се повторува и во годините 1980, 1983 и 1985 година. На универзитетот Сент Луис, во САД во неколку наврати е визитинг професор, а во 1999 визитинг-професор станува и на Њујоршкиот универзитет.
На Универзитет Кирил и Методиј – Скопје, д-р Мицев беше професор на Медицинскиот, Стоматолошкиот и на Филозофскиот факултет.
Библиографијата на проф. д-р Мицев регистрира 110 стручни трудови, објавени во домашни и светски списанија. Освен нив, исто важен е податокот дека е автор и на книгите: „Стравот низ дневникот на еден психијатар”, „Зошто”, а заедно со проф. д-р Ѓеорги Чадловски автори се на учебниците „Психијатрија 1 и 2’’.
Погребот на проф. д-р Витомир Мицев ќе се одржи утре со почеток во 12.30 часот, на градските гробишта Бутел, Скопје.