Познатиот чешки писател Милан Кундера почина на 94-годишна возраст , објавија чешките медиуми.
Кундера живеел во Франција од 1975 година, кога емигрирал од Чешка. Негови најпознати дела се романите Неподносливата леснотија на постоењето и Шега.
Роден е во Брно на 1 април 1929 година. Неговиот татко бил музиколог и пијанист. Милан научил да свири клавир од својот татко, па се запишал на музикологија и композиција. Музиколошките влијанија и референци се многубројни во неговото книжевно творештво.
Студирал литература и естетика во Прага, но по два семестри се префрлил на Прашката филмска академија, каде што посетувал предавања за режија и сценарио. По дипломирањето во 1952 година, таму почнал да предава светска литература.
Припаѓал на генерацијата млади Чеси кои биле под значително влијание на искуствата од Втората светска војна и германската окупација, па како млад во 1948 година се приклучува на владејачката чехословачка комунистичка партија.
Во 1950 година, тој и уште еден чешки писател, Јан Трефулка, беа исклучени од партијата поради „антипартиска активност“. И двајцата пишуваа за таа случка во литературата – таа го инспирираше Кундера за главната тема на романот Шега (1967). Тој беше повторно примен во Комунистичката партија во 1956 година, за да биде исклучен втор пат во 1970 година.