Почина Петре Камчевски, кавадарчанецот кој беше своевидна историска енциклопедија

by Fokus

Денес после кратко боледување почина кустос – советник историчар Петре Камчевски. Кавадарци и Македонија изгубија голем човек, извонреден интелектуалец, елоквентен историчар, историски хроничар, човек кој беше своевидна историска енциклопедија- соопштија од Локален Музаеј Галерија Кавадарци.

Роден е 1952 г. во Кавадарци. Завршува Гимназија ,,Јосип Броз Тито“ во Кавадарци во 1971 г. а Филозофски факултет, група историја во Скопје. Работеше од 1980 г. во Музеј – Галерија Кавадарци како кустос-советник историчар, а од 1986 – 1999 и од 2004 – 2018 година беше Директор на оваа институција.

За време на својот работен век има објавено повеќе од 200 стручни и научни трудови, на симпозиуми, трибини и конгреси како во земјата така и во странство. Автор е на 30-ина историско – тематски изложби, фељтони во весниците: “Нова Македонија“, ,,Вечер“, ,,Кавадаречки весник“, ,,Тиквешки глас“ и др. Учествува во подготовка на неколку Зборника: – Тиквешијата во НОВ 1941-1945 година, Мариово и Меглен 2000 година, Тиквешкото востание во 1913 година во 1999 год., Зборник Музеологија и други. Автор е на голем број на книги за минатите времиња во Тиквешијата.

Петре Камчевски има изработено и неколку Спомен соби меѓу кои: – Спомен собата за Првата македонска дивизија и партизанска болница во Шешково, Спомен соба на партизанскиот одред ,,Добри Даскалов“ во с. Бојанчиште, Спомен витрини во гимназијата ,,Добри Даскалов“, ОУ “Страшо Пинџур.

Еден е од авторите на концепцијата на Музејот на традиционалната тиквешка храна и вкусови што се реализира во зградата на новиот музеј кој е сместен во поранешниот Младински дом во Кавадарци. Автор е на Спомен собата на познатиот македонски етномузиколог, мелограф и фолклорист Васил Хаџиманов, во новиот музеј во Кавадарци. Во 2014 година беше извршено реновирање и дополнување на Спомен куќата на Страшо Пинџур со нови фотографии и документи. Има реализирано повеќе од 30-сетина ТВ и радио емисии на националните телевизии, за личности и настани од нашата постара и понова историја.

За време на својот работен век тој е носител на 15-сетина научно – истражувачки трудови, а како резултат на нив е збогатен фондот на архивски материјали и фотографии, како и сознанијата за одредени настани и личности од тиквешкиот крај. Има објавено десетина фељтони за личности и настани од овој крај кои се објавени во весниците ,,Нова Македонија“, ,,Вечер“, ,,Кавадаречки весник 7-ми Септември“, ,,Кавдаречки весник“, ,,Кавадаречка хроника“ итн. Има одржано 30-ина трибини и предавања за значајни личности и настани од овој крај. Има реализирано повеќе од 20 ТВ и радио емисии за поодделни настани од историското минато на Кавадарци. Автор е на текстот и концепцијата за ЦД изданието во 2012 година ,,Кавадарци во срцето те носиме“. За својата работа добитник е на 3 највисоки општински награди 7-ми Септември во 1982, 1985 и 2004 година. Наградата Најдобар музејски работник во Р. Македонија ја доби во 2011 година.

Беше потпретседател на Друштвото на Музејски работници 1996-1998 година. Во четири мандати претседател на комисијата за доделување звања во областа на Музејската дејност при Министерството за култура на Р. Македонија. Во 2013 година како раководител на Музеј-Галеријата, институцијата го доби највисокото Општинско признание – Наградата 7-ми Септември, информираат од кавадаречкиот музеј.

Вики Клинчарова

Поврзани новости