Македонија остана без една од најплодните писателки, Оливера Николова. Веста дека Николова починала ја објави Независен.мк. Од Друштво на писателите на Македонија пак, не успеавме да добиеме повеќе информации, бидејќи до објавата на текстот не одговорија на нашите телефонски повици.
За Николова, доволно е да се спомне лектирата ,,Зоки Поки”, култно четиво кое го одбележа нејзиниот живот, и дело кое сите генерации го знаат.
На почетокот на годинава таа доби Орден за заслуги, кој и го врачи тогашниот претседател Стево Пендаровски во нејзиниот дом, бидејќи била спречена да присуствува на церемонијата на одликување.
Иако во својата 88-ма година, тогаш на Пендаровски му кажа дека се држи добро со оглед на возраста, и дека последното дело го објавила во 2019 година.
-И во доцна возраст, да кажам, творите, не се предавате. Дали пишувате нешто поново сега, ја праша Пендаровски, на што таа одговори: Многупати велам дека го затворам дуќанот, ама пак црвчето работи и така…
Инаку, Николова е една од најплодните македонски писателки, која работниот век го минала во Македонската Радио Телевизија, како уредник и драматург. Има издадено 19 книги за деца, помеѓу кои и култната ,,Зоки Поки”, 10 романи за возрасни, три книги со раскази, драмски текстови, сликовници, театарски и ТВ игри за деца и возрасни.
Вики Клинчарова