Почина новороденче во Битолската болница

by Fokus

Новороденче починало ден откако било родено во Клиничката болница во Битола.

Според информациите, несреќата се случила на 15 јуни, а бебето било родено претходниот ден, со царски рез.

Бебето во саботата било транспортирано од Битолската болница до Детската клиника во Скопје, од каде родителите биле известени дека тоа починало.

Таткото Драгољуб Китоски од Ресен изреволтиран обвинува дека не бил известен на време за влошената здравствена состојба на своето дете.

Од Клиничката болница велат дека ги презеле сите потребни мерки.

„Се породи во петокот и докторот и помошниот тим ми го честитаа синот. Рекоа дека е во ред. Сопругата истиот ден околу 19 часот на телефон ми јави дека медицинска сестра ѝ рекла дека бебето не е во ред. Ѝ реков да им го даде телефонот да ме побараат. Но, повик не добив и мислев дека е во ред. Другиот ден кога ја посетив во 15 часот ми кажаа дека синчето е во критична состојба и да сум се молел на Бога. Организираа транспорт и јас не го видов пред да го пратат за Скопје, не ни знам дали живо го изнесоа одовде”, изјавил таткото.

Тој вели дека ќе ангажира адвокат и дека ќе тужи.

Мајката на бебето има 33 години и ова ѝ било второ дете. Таа има докази дека редовно ја контролирала својата бременост иако од болницата во Битола соопштија дека „пациентката боледувала од астма. На пациентката ова и е трета неуредно контролирана бременост, со претходни еден царски рез и еден спонтан абортус“.

 

Поврзани новости