По кратко боледување, во 66-та година од животот почина колегата новинар од Охрид, Симон Илиевски.
Симон беше еден од доајените на охридското новинарство. Како новинар и дописник од Охрид за повеќе редакции остави огромен број новинарски натписи, радио и тв прилози, документарни и други емисии.
Со новинарство почнал да се занимава уште од средношколските денови пишувајќи во гимназискиот весник „Јужен бран“. По завршување на студиите по новинарство во Скопје, пишувал за „Студентски збор“, белградски „Студент“ загребски „Студентски лист“, словенечките „Трибуна“ и „Катедра“, како и за весникот Младост, а кратко соработува и со Македонската радио телевизија. Дописник беше и на други македонски и југословенски медиуми.
Симон Илиевски беше претседател на Регионалната канцеларија на Здружението на новинари Охрид – Струга до 2010 година кога целосно се повлече од новинарството и почна со работа во службата за односи со јавност во Општина Охрид.
Тој беше исклучително почитуван од колегите несебично пренесувајќи го своето богато искуство на помладите новинари.
ЗНМ изразува длабоко сочувство до семејството на колегата Илиевски.
По повод смртта на Симон Илиевски, Здружението на новинари на Македонија – Регионална канцеларија Охрид и Струга, во среда ќе организира комеморација во големата сала на Општина Охрид, со почеток во 10:30 часот.
Посмртните останки на новинарот Симон Илиевски ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта во Охрид во среда, 13 декември од 12 до 12:30 часот.