Најстарата личност на светот, Шпанката Марија Брањас Морера, која е родена во САД и живеела две светски војни, почина на 117-годишна возраст, соопшти денеска нејзиното семејство.
„Марија Брањас не напушти. Почина како што сакаше: во сон, мирно и без болка“, напиша семејството на нејзиниот профил на социјалната мрежа Икс.
„Секогаш ќе ја паметиме по нејзините совети и добрина“, велат тие.
Брањас, која живееше во домот за стари лица Санта Марија дел Тура во североисточниот шпански град Олот во последните две децении, минатиот вторник изјави дека се чувствува „слаба“.
Maria Branyas Morera is the supercentenarian who, at the age of 117 years, 73 days, became the world’s oldest verified living person since the death of Lucile Randon (1904–2023).
There are some of her photos across two centuries.pic.twitter.com/R0ty3B5oEG
— Massimo (@Rainmaker1973) May 16, 2024
„Моментот е близу. Не плачете, не сакам солзи. И пред се, не страдајте за мене. Каде и да одам, ќе бидам среќна”, објави таа на профилот што го води нејзиното семејство.
Гинисовата книга на рекорди официјално го призна нејзиниот статус како најстара личност на светот во јануари 2023 година, по смртта на француската калуѓерка Лусил Рандон на 118-годишна возраст.
По смртта на Марија Брањас, најстарата личност во светот стана Јапонката Томико Итока, која е родена на 23 мај 1908 година и има 116 години, според американската геронтолошка истражувачка група.
Брањас, која го преживеа грипот од 1918 година, Првата и Втората светска војна и Шпанската граѓанска војна, се зарази со коронавирусот во 2020 година, само неколку недели откако го прослави својот 113-ти роденден, и беше затворена во својата соба во домот, но целосно закрепна.
Нејзината најмлада ќерка Роза Морет еднаш ја припиша долговечноста на нејзината мајка на „генетиката“.
„Никогаш не отиде во болница, никогаш не скрши коски, добро е, нема болка“, изјави Морет за регионалната каталонска телевизија во 2023 година.
Брањас е родена во Сан Франциско на 4 март 1907 година.
Најстарата потврдена личност што некогаш живеела била Французинката Жан Луиз Калмент, која починала во 1997 година на 122 години и 164 дена.