Турскиот муслимански проповедник Фетула Ѓулен, за кого Анкара тврди дека стои зад неуспешниот пуч во 2016 година, починал во Пенсилванија, САД, каде што живееше, објавија турските медиуми и веб-страницата поврзана со Ѓулен. Имаше 83 години.
Изградил силно исламско движење во Турција и пошироко, но последните години од својот живот ги помина соочувајќи се со обвинувања дека организирал обид за државен удар против турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган. Ѓулен негираше.
Веб-страницата Херкулес, која ги објавува проповедите на Ѓулен, на својот Х профил објави дека Ѓулен починал во неделата вечерта во болницата каде што бил на лекување.
Ѓулен некогаш беше сојузник на Ердоган, но нивните односи драматично се влошија, а Ердоган го обвини дека е одговорен за обидот за пуч во 2016 година, во кој бунтовничките војници запленија воени авиони, тенкови и хеликоптери. Во обидот за државен удар загинаа околу 250 луѓе.
Ѓулен живееше во самонаметнат егзил во САД од 1999 година.
Смртта на Ѓулен треба да отстрани една од главните точки на спор меѓу Турција и САД. Ердоган побара од САД да го екстрадираат Ѓулен, но во последните години тие барања стивнаа. Со смртта на Ѓулен, прашањето за неговата екстрадиција повеќе нема да биде проблем во односите меѓу САД и Турција.