Фолк пејачот Момо Николоски (61) ја изгуби битката со тешката болест. Веста за неговата смрт на социјалните мрежи ја сподели неговата сопруга Валбурга Батева Николоска, која објави заедничка фотографија и емотивен статус – Јас и ти немаме крај.
Популарниот фолк пејач кој беше дел од естрадата со децении, во јануари годинава откри дека има канцер на желудник. Неговата сопруга и колеги апелираа до јавноста да се донира за негово лекување во странство, се одржаа и хуманитарни настани, но потребната сума не беше собрана. Во своето последно интервју за ,,Фокус” Николоски раскажа дека бил во шок од дијагнозата, но како верувал дека ќе се избори со болеста.
-На 22-ри декември, значи пред месец и половина ми се смени целиот живот за еден миг. Тогаш ја дознав тешката дијагноза. Подолг период имав болки во стомакот, повраќање, но лекарите претпоставуваа дека се работи за чир. Редовно одев на контроли, секогаш сум бил доста внимателен кога е здравјето во прашање, ми се правеше гастроскопија во повеќе наврати. Не знам како ниту еден лекар не успеа да види за што станува збор и за жал, морам да констатирам дека се работи за лекарски пропуст, бидејќи на ниту една контрола претходно никој не забележал ништо. Да не одев на контроли, некако и ќе разберев, но вака… навистина е тешко. Но, на 22-ри, на лекарот нешто му беше сомнително, и по деталниот преглед ми беше соопштена тешката вистина. Веста за сите беше голем шок, одекна како бомба кај најблиските, но јасно ми беше дека следува период на борба и ја прифатив доста сталожено – раскажуваше музичарот во февруари годинава.
Тогаш ни откри дека откако му била направена операција, по отворањето на абдоменот, се дошло до лош наод, карцином со абдоминални метастази. Лекарите предлагале хемотерапија и други методи, кои ги нуделе понапредни клиники во странство, за што биле потребни поголеми суми на пари.
-Јас верувам дека сето ова што сега ми се случува мене, а и на моето семејство, еден ден ќе биде надминато. Сме надминале многу проблеми, животот никогаш не не галел многу. Кога се враќам наназад, за себе можам да кажам дека секогаш сум бил доста одговорен во врска со здравјето, никогаш не сум консумирал алкохол, дури и не го поднесувам, а веќе неколку години не пушам. Но, она за кое што сметам дека во најголема мера допринело да се разболам е шеќерот. Јадев многу, навистина премногу благо, исто така внесував и многу млечни производи. Секако и стресот има голема улога, но според мене, дефинитивно слаткото е најголемата причина за мојата болест. Сега, кога сме веќе начисто со дијагнозата, одам напред со позитивни мисли. Освен со медицината, се борам и со алтернативни методи, бидејќи сметам дека природата дава лек за се. Но, тоа не е доволно, за да се излекувам целосно морам да заминам на лекување во странство, за што ми се потребни многу финансии – појасни во своето последно интервју Николоски.
Тогаш ни кажа дека има порака до народот- да си го чува здравјето.
-Здравјето е најважното нешто во животот! Чувајте го! Јас не се откажувам. За мене, не постои нерешив проблем, се додека не се откажеме од нешто, има начин и решение. Само оние нешта од кои се откажуваме се изгубени, а јас го сакам животот и продолжувам со борбата – порача тој.
За неговото лекување беа потребни околу 15.000 евра. Минатиот месец Валбурга ни изјави дека парите не се собрани, но како Момо не сакал повеќе во јавност да се објавува апелот, бидејќи бил разочаран.
Вики Клинчарова