Во јужниот германски град Офенбург 15-годишен ученик среде настава застрела врсник. Тој денеска почина во болница, соопшти полицијата.
„Повредениот ученик во меѓувреме починал во болница“, соопштија од тамошната полиција.
Информациите се дека околу пладне, 15-годишното момче влегло во училницата и тешко го повредило врсникот со истрел од огнено оружје.
Потоа тој бил совладан и задржан се до доаѓање на полицијата, па е во притвор поради сомнение за сторено кривично дело – убиство.
Германските медиуми јавуваат дека станува збор за училиште за ученици со потешкотии во учењето, а дека осомничениот е германски државјанин.
Вчера во градот Хамбург, двајца ученици му се заканија на наставник со огнено оружје, за кое подоцна било утврдено дека е играчка.