Почина Мирослав Наумовски – Лав, доајенот на македонското спортско новинарство

by fokus

По кратко боледување, денеска во Скопје, почина доајенот на македонското спортско новинарство, Мирослав Наумовски – Лав, објави Екипа.мк.

Наумовски патот кон спортското новинарство го мина најпрво и како активен спортист, член на првата ракометна генерација на РК Вардар притоа со настапи и за младинската репрезентација на Македонија во рамките на поранешна СФРЈ. Со македонската репрезентација станал пионерски првак на поранешна СФРЈ. Во 1962 година е прв на младинското првенство на СФРЈ, а во 1965 година и национален првак во младинска конкуренција. Бил дел и од младинската репрезентација на СФРЈ (заедно со генерацијата на Поповиќ, Прибаниќ, Покрајац, Каралиќ…).

Во текот на кариерата, се етаблираше како едно од најпрепознатливите имиња во македонското спортско новинарство целиот работен век минувајќи го во НИП Нова Македонија, а известувајќи од ЛОИ 1974, 2000 и 2004, од ЗОИ 1984 и 1988, од три СП во кошарка, осум ЕП во различни спортови, универзијади, медитерански игри, балканијади.
На иницијатива на Наумоски низ првите години на независна Македонија беше формиран првиот спортски магазин во Македонија, „Скок“ а тој беше и прв негов Главен и одговорен уредник. Беше иницијаторот и најзаслужниот што по долги години пауза во деведесеттите години од минатиот век повторно се возобнови Охридскиот пливачки маратон.

Заедно со Васил Тупурковски, го основаат Македонскиот олимписки комитет (МОК) и станува член на Собранието на МОК, на Управниот одбор на МОК и Претседател на МОК Маркетинг, каде и ги минува последните години од својот работен век.

Поврзани новости