Почина Маринко Роквиќ, до последен момент веруваше дека ќе ја победи болеста!

by Фокус

Популарниот пејач на народна музика Маринко Роквиќ, почина денес на 68-годишна возраст. Веста за неговата смрт за српските медиуми ја потврдил неговиот син Никола.

Роквиќ, кој беше присутен на естрадата со децении, беше хоспитализиран изминативе неколку недели поради проблеми со бактериска инфекција. Пред тоа пак, се инфицираше со корона вирус, а имаше и операција на циста.

Во разговор за српските медиуми од пред две недели, тој изјави дека се опоравува, но сепак му е потребно време. Веруваше дека за неколку месеци болеста ќе биде зад него и ќе се врати на стариот начин на живот, но и на настапите кои ги откажа уште минатиот месец.

-До пролет ќе бидам пак оној стариот, во форма. Потребно ми е време, се пазам, не смеам да имам физички напори. Мојата сопруга Славица многу се загрижи, но помина сето тоа, ги следам советите на лекарите. Ми недостигаат дружбите со луѓето, не се гледам со никого, се надевам дека ова ќе помине наскоро – беше неговата последна изјава.

Маринко во бракот со Славица ги има синовите Никола и Марко, кои тргнаа по неговите стапки. Го има и синот Дарио, кој го добил пред 30 години од врската со Мила, србинка која живее во Канада. Зад Роквиќ останаа низа на хитови кои со години се слушаат во регионот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости