Почина мајката на Лахај, кој беше најавен како главна ѕвезда на прославата за 20 години Рамковен

by Fokus

Светски популарниот тенор Раме Лахај, кој беше најавен како музички гостин кој ќе одржи спектакуларен концерт во Скопје заедно со македонската филхармонија, на 13-ти август, по повод централната прослава од 20-годишнината од потпишувањето на охридскиот Рамковен договор, се прости од својата мајка Хале. Со емотивна објава, на својот официјален профил, Лахај ја сподели веста дека неговата мајка починала на седми август, а била погребана на наредниот ден, на гробиштата во Љубожда, Косово. Имала 77 години.

-Ти не беше во кујната помеѓу твоите садови денес, не ми направи ниту појадок. Уште во рани зори, пред шест часот ти дојдов на твојот гроб… Не разговараше со мене, не ми се ни насмевна како порано. За момент дури помислив дека заедно ќе се вратиме дома, од овде – пишува помеѓу другото оперскиот певец.

Тој исто така, се заблагодари за големата поддршка која ја добил од јавноста, но и објави фотографии на кои се гледа како грижливо се однесувал кон својата мајка.

-Во овие моменти на болка, јас добив голема утеха, за која на сите сум им благодарен. Ми ја намаливте болката – напиша Лахај, потсетувајќи уште еднаш колку голема улога одиграла мајка му во неговиот живот.

Инаку, централната прослава за јубилејот на Рамковниот договор, односно големиот концерт, денес беше откажан, како што појасни Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, поради зголемениот број случаи на Ковид-19. Сепак, ќе се одржела прослава во хотел со 200 поканети гости, во сала што собира 1.500, а гостите ќе носеле маски.

Вики Клинчарова

Поврзани новости