Легендарниот англиски фудбалер Сер Боби Чарлтон почина на 86-годишна возраст.
Чарлтон беше клучна фигура во освојувањето на единствената титула светски шампион во 1966 година, но и во создавањето на големиот Манчестер Јунајтед.
Сер Боби почина мирно во раните утрински часови во саботата, соопшти неговото семејство.
Тој постигна 249 гола на 758 натпревари, го освои Купот на европските шампиони во 1968 година, како и три титули во англиската лига.
За Гордиот Албион одигра 106 натпревари, постигна 49 гола и го држеше рекордот од 1970 до 2015 година.
Во годината кога беше освоена светската титула беше прогласен за најдобар играч на светот, пред Еузебио и Франц Бекенбауер.
По неговата играчка кариера, тој беше функционер на Јунајтед 39 години, а неговото наследство ќе продолжи да живее преку фондацијата што го носи името на овој прославен фудбалер.