Извршниот директор на австрискиот градежен концерн Страбаг, Клеменс Хазелштајнер, ненадејно почина на 45-годишна возраст, објавија денеска австриските медиуми.
Како што соопшти синоќа компанијата Страбаг, Клеменс Хазелштајнер „ненадејно и неочекувано“ починал на 45-годишна возраст. Понатаму се наведува дека се работи за природна смрт.
Неговите функции во концернот привремено ги презедоа други членови на одборот на директори.
Со 86.000 вработени, Страбаг е една од најголемите градежни компании во Европа и е активна во бројни земји, меѓу кои и Македонија.
Семејството Хазелштајнер поседува 31 отсто од компанијата. 24 отсто од акциите се во сопственост на рускиот олигарх Олег Дерипаска, но оваа сопственост во моментов е замрзната поради санкциите.
Клеменс Хазелштајнер беше еден од четирите синови на поранешниот политичар и претседател на компанијата Ханс Петер Хазелштајнер.
Тој ја презеде функцијата извршен директор на почетокот на 2023 година, а една од неговите декларирани цели беше да ја направи компанијата климатски неутрална.