Почина фолк пејачката Тања: Со песна помогна на многумина и веруваше дека сите заслужуваат исти можности!

by Fokus

Фолк пејачката Тања Маџунков (33) од Кавадарци ја изгуби битката со тешката болест со која се бореше изминатиот период. Веста за нејзиното прерано заминување ја објави нејзиниот сопруг, музичарот Мики Тралала, со кого Тања настапуваше заедно минатите години.

На социјалните мрежи тој се прости со неа со зборовите – Почивај во мир принцезо моја, пеј ми сега со анѓелите.

Музичко-брачниот пар започна да настапува заедно пред повеќе од три години. Пред да го оформат дуото, Мики зад себе имаше 20-годишна музичка кариера.

Кога започнаа со заеднички настапи ја промовираа песната ,,Плетенка” и во интервју за ,,Фокус” раскажаа дека имаат гостувања во целата земја, и започнале со работа на првиот албум. Порачаа дека целта им е да се врати популарноста на квалитетната народна песна, и договориле соработки со докажани фолк композитори од Македонија.

Но, освен по бројни настапи во локали, парот во Кавадарци е познат и по големата хуманост. Тања и Мики зад себе имаат организирано бројни хуманитарни настани и забави, на кои настапуваа и нивни колеги, а на кои се собираа средства за скапо лекување на нивни сограѓани од Кавадарци. Пред неколку години, тие дури организираа и хуманитарен настан за лекување на девојче од Неготино.

Исто така, тие три години наназад без хонорар настапуваа на матурски забави на матуранти од социјално загрозени семејства од градот. На истите, им донираа и средства, за да си купат гардероба за матурската забава.

Минатата година за последен пат, пред Тања да прекине со настапите поради болеста, исто така хуманитарно пееа на повеќе матурски забави, а пак хонорарите добиени од други забави на кои настапувале тој период, ги поделиле на семејствата кои не можеле да си дозволат да купат свечена гардероба за своите матуранти.

-Дојдовме на оваа идеја бидејќи знаеме дека за матурантите оваа вечер е посебна, секој сака да си помине убаво и да има забава. Но, свесни бевме дека има многу семејства кои не можат да им пружат матурска забава на своите деца како што тие би сакале, поради тешка финансиска состојба. Токму поради тоа, објавивме дека бесплатно ќе им пееме на сите матуранти кои ќе не повикаат, на нивните домашни матурски забави.

На почеток, други луѓе ни посочија неколку семејства на матуранти, бидејќи тие, разбирливо, се срамеле самите да ни се јават.

Не можеме да ви ја опишеме радоста на семејствата кај кои пеевме на домашните скромни забави. Не пречекува самохрана мајка, која по цели денови работи за да донесе дома храна и да плати сметки, а нејзиното дете секако дека сака да има матурска забава како и повеќето негови врсници.

Во домот, скромно, со малку гости, но кога дојдовме со Тања и кога започнавме со музика, тоа беше голема радост за сите. Многу сме среќни што на ваков начин успеавме да израдуваме десеттина семејства во Кавадарци лани, веруваме дека и годинава ќе ја имаме истата можност.
Ги охрабруваме сите матуранти од социјално загрозени семејства, кои сакаат да им пееме, да не побараат, од срце ќе дојдеме да ја поделиме радоста, минатата година во интервју за ,,Фокус” раскажаа од дуото.

Најавуваа дека и во иднина ќе продолжат со хуманитарни настани, бидејќи нивна заедничка цел била на секое дете да му се пружат исти можности.

Поделената радост е зголемена радост, раскажуваа Тања и Мики.

– Неправедно е некои деца да имаат се на тањир, скап шопинг дури и во странство, музика, раскошна забава, знаеме дека има случаи кога родители на матуранти дури им подаруваат автомобили, а пак други да не можат да си дозволат барем малку весела атмосфера со музика во домот.
Го правиме ова, бидејќи веруваме дека секое дете треба да има исти можности, дека секое дете заслужува ист третман- ни изјавија во нивното последно заедничко интервју од минатата пролет.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости