Почина Дорчо кој три дена лежеше повреден, оти институциите се прогласија за ненадлежни да му пружат помош!

by Фокус

Коњот Дорчо, кој помина три дена тешко повреден во агонија, лежејќи покрај патот Градско-Прилеп, откако го удри кола, а потоа по иницијатива на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев беше транспортиран и згрижен во Прилеп, каде доброволно го лекуваше ветеринарниот лекар Златко Димески, ја изгуби битката за живот.

Веста дека Дорчо починал ја објави Димески, кој со цел тим на доброволци пет дена се бореше да го спаси коњот, пружајќи му адекватна терапија. И покрај подобрената состојба, сепак коњот кој бил на возраст помеѓу три и пет години, не издржал.

Случајот го предизвика вниманието на јавноста, бидејќи три дена, откако бил удрен од автомобил во движење, коњот се мачеше легнат покрај патот, а ниту една институција не излезе да му пружи помош и да го згрижи, и покрај бројните апели на граѓаните и на здруженијата за заштита на животните.

По несреќата, која била пријавена во полициската станица во Прилеп, на местото излегле службени лица од полицијата, повикале екипа на ЈП ,,Македонија Пат” која само го тргнала несреќното животно од коловозот, по инструкција на полицијата (тоа за ,,Фокус,, го потврди директорот на ЈП ,,Македонија Пат”) и сите се заминале, оставајќи го таму на немилост, со тешки повреди.

,,Фокус” разговараше со претставници на повеќе институции, во потрага по одговор чија е законската обврска да го преземе повредено животно и да го транспортира до прифатилиште каде ќе добие лекарска помош, но одговорите беа поразителни.

Не било законска обврска ниту на МВР, ниту на Агенција за храна и ветеринарство, ниту пак на ЈП ,,Македонија Пат” да ги дислоцира повредените животни, односно да ги транспортира до соодветно прифатилиште, каде ќе им биде обезбедена здравствена грижа.

Заедно со Дорчо, на тој дел од патот, долг период се движела поголема група на коњи. Станува збор за уште осум коњи, од кои фотографии и видео снимки до ,,Фокус,, доставија читатели, загрижени за безбедноста на животните, но и за сите учесници во сообраќајот.

Според СВР Битола, Дорчо и останатите коњи, кои по несреќата не беа дислоцирани, туку останаа околу коловозот, биле диви коњи. Но, по објавата на веста, до нашата редакција се обратија читатели, кои тврдат дека коњите имаат сопственик. Ни го доставија неговиот идентитет и адреса.

Лицето за кое тврдат е сопственик на коњите, ги чувал долг период, а на лето ги користел како работна сила. Потоа, секоја година во ладните месеци, кога не му биле потребни за работа, не сакал да се грижи за нив, па ги оставал самите да се снаоѓаат и да ја преживеат зимата, лутајќи на и околу коловозот.

-Коњите често стојат на коловозот и ја лижат солта од асфалтот. Кога ќе помине возило, се вознемируваат и се случува да се растрчаат во различни правци, а возачите само можат да се молат да не удрат во некој од нив. Имавме случаи и кога коњите направија штети, искршија сандаци за пчели, пријавувано е и во полиција. Но, нема реакција, дури и откако автомобил удри во Дорчо, осумте други коњи беа оставени и продолжија да истрчуваат на коловозот, никој не дојде да ги дислоцира – сведочат лица запознати со проблемот.

,,Фокус” го достави добиените сознанија за идентитетот на сопственикот на коњите до МВР. Од страна на СВР Битола, односно од портпаролката Сања Стаматова, се уште не добивме повратен одговор дали е извршен разговор со лицето, односно дали воопшто се преземени мерки за решавање на случајот со неодговорното сопствеништво, кое е казниво според закон.

За страотните последици од сообраќајните несреќи помеѓу коњ или крава со автомобил, сведочат оние кои ги преживеале, а голем е бројот и на лица кои ги изгубија животите во вакви несреќи на нашите патишта, затоа што на време не биле превенирани.

Единствена надеж дека ќе се започне со барање на системско решение на ваквите настани, кои не се малкубројни, дојде од страна на Костадин Ацевски, директорот на ЈП ,,Македонија Пат”. Тој за ,,Фокус” истакна дека ќе свика состанок со претставници од Агенција за храна и ветеринарство и со претставници од МВР, па сите заеднички да се обидат да најдат ефикасен начин за справување со настаните кога крупни домашни животни остануваат заглавени во институционалните лавиринти за кои не било утврдено со закон кој е надлежен.

Според Ацевски, проблемот е комплексен, но мора да се најде начин да се дефинира чија обврска ќе биде дислоцирањето на животни кои се движат на и околу патиштата и ја загрозуваат јавната безбедност, но понатаму и чија обврска би било нивното згрижување, односно како во случајот со Дорчо, обезбедување на здравствена помош доколку се повредени.

Вики Клинчарова

Поврзани новости