Почина човекот кој и ја уништи кариерата на Моника Селеш

by Fokus

Гинтер Парче, разбеснетиот Германец кој на 30 април 1993 година ја нападна тогашната светска тенисерка број еден Моника Селеш (49), почина на 69-годишна возраст во август минатата година, објави денеска германскиот медиум „Ди Велт“.

Парче ги поминал последните 14 години од својот живот сам, во соба во дом за стари лица. Последните четири недели само лежеше таму додека една ноќ не умре мирно во сон. Тој бил на одделот за палијативна нега, пренесуваат германските медиуми.

Неговиот напад сред тениски меч во Хамбург во 1993 година го шокираше светот. Тој истрча на теренот и со голем кујнски нож ја прободе Селеш која до 1994 година играше за Југославија, а потоа и за САД.

Напаѓачот веднаш бил совладан, а убодот длабок четири сантиметри. И ги повредил мускулите и ткивото околу левото рамо на тенисерката.

До тој момент таа доминираше во женскиот тенис. За две години освои 22 турнири, од кои седум Грен слемови, честопати во финалето победувајќи ја Штефи Граф, тогашната тенисерка број еден во светот.

Парче тогаш беше 38-годишен невработен Германец опседнат со Штефи Граф.

Не издржа како Селеш се доближува до првото место во тенисот, целосно полуде и реши да ја исфрли Моника Селеш од игра, без разлика на ризикот.

Таа се опорави за неколку недели, но нападот и остави големи психолошки лузни. На професионалниот тенис не му се врати две и пол години.

Судот утврдил дека тој има „високо абнормална структура на личноста“ и намалена способност за контрола, па по 6-месечен притвор е осуден на две години условна казна поради нанесување тешка телесна повреда.

Селеш се врати на тенисот и играше брилијантно, но никогаш повеќе не се најде на врвот на ВТА ранг-листата. Својата блескава кариера ја заврши во 2003 година, со 53 освоени турнири и девет Грен слем титули.

Поврзани новости