Чешката пејачка Хана Хорка, противник на вакцинацијата против корона вирус, почина на 57-годишна возраст откако намерно се зарази со вирусот за да добие ковид потврда, соопшти нејзиното семејство.
Нејзиниот син Јан Рек изјави за јавното радио iRozhlas.cz дека неговата мајка одбила да се вакцинира и намерно се изложила на вирусот со кој тој и неговиот татко, двајцата вакцинирани, се заразиле пред Божиќ.
– Таа одлучи дека ќе живее нормално со нас и повеќе би сакала да го добие вирусот отколку да се вакцинира, рече Рек.
Два дена пред смртта, пејачката на чешката фолк група Асонанс на социјалните мрежи напиша: „Преживеав. Беше живописно. Сега ќе има концерти, театри, сауни, патувања до морето“.
Во Чешка, потребен е доказ за вакцинација или доказ за неодамна прележан Ковид-19 за присуство на социјални настани.
Нејзиниот син ги обвини локалните анти-ваксери за смртта на неговата мајка и рече дека „ја имаат нејзината крв на своите раце“.
– Точно знам кој го оформил нејзиното мислење. Тажен сум што повеќе им веруваше на непознати луѓе отколку на семејството и на нејзините тези за стекнување природен имунитет преку изложеност на болеста, рече Јан Рек.